Sunday, April 26, 2015

Здружение на расипувачи на лифтови: Референдумот помина во најдобар ред

Скопје, Македонија (Филипијада Њуз) Претседателот на македонското Здружение на расипувачи на лифтови „Тодор Александров“ пред малку се обрати до медиумите со соопштение дека денешниот референдум во општина Центар минал во најдобар ред.



„Можам слободно да кажам дека референдумот беше фер и демократски. Дадовме се од себе за да стигнеме во секој влез и тоа го правевме на демократски начин. Без разлика на која религија или националност припаѓаат луѓето, ние бевме таму и ги расипавме најголем дел од лифтовите. Иако се трудевме да бидеме фер и да ги опфатиме сите жители на општината, сепак предност им дадовме на повозрасните лица.“, се вели во соопштението на ЗРЛ „Тодор Александров“.

Исто така членовите на Македонската Асоцијација на Новинари кои го следеа референдумот, во неколку наврати забележале нерегуларности во процесот. Според нив неколку лица се обиделе насилно да ги поправат и повторно да ги стават во употреба лифтовите на четири локации во Центар, кои претходно биле расипани од ЗРЛ. Инцидентите се внесени во нивниот записник, а против извршителите е поднесена соодветна кривична пријава.

Претседателот на „Тодор Александров“ за крај додаде  „Ова беше уште еден успешен, фер и демократски изборен процес“.


Филипијада њуз е сатирично блог издание.
Филипијада њуз користи измислени ликови и институции во своите изданија, освен кога јавните личности и вистинските институции се објект на сатирата. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна, како и во оваа статија!

Saturday, March 14, 2015

Археолозите сè поблизу до откривање на претседателот на Македонија

Скопје, Македонија (ФЊ) Група археолози од Институтот за историја на уметност и археологија утрово објавија дека се на добар пат до откривање на претседателот на државата. Според нив ова е едно од најважните археолошки откритија во македонската историја.

Фото: Археолозите ископувајќи го локалитетот Водно наидоа на лопата на Миле Јанакиевски
Фото: Археолозите ископувајќи го локалитетот Водно наидоа на лопата на Миле Јанакиевски

Во соопштението се вели дека утрово екипата пронашла неколку клучни археолошки материјали на локалитетот Водно што упатуваат на тоа дека во непосредна близина се наоѓа претседателот на државата.

Ова е големо откритие за нас, но и за археологијата како наука бидејќи за прв пат во историјата е пронајден аудио археолошки материјал. Содржината не покажува многу бидејќи некој молчи на снимката, но да бидеме реални, никој не очекуваше нешто поразлично.“, изјави археологот Милан Јаневски.

Од Институтот најавија дека ќе продолжат со ископините на локалитетот Водно, како и на два други во непосредна близина, а се очекува за неколку месеци, најдоцна до една година да биде откриен претседателот.


Филипијада њуз е сатирично блог издание.
Филипијада њуз користи измислени ликови и институции во своите изданија, освен кога јавните личности и вистинските институции се објект на сатирата. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна, како и во оваа статија!

Saturday, February 28, 2015

Експертите од МВР на чекор до откривање на кодот на Да Винчи

Скопје, Македонија (ФЊ) Откако експертите на МВР успешно ги декодираа пораките на Верушевски се впуштија и во многу поголем потфат - кодот на Да Винчи. Според нашите информации тие имаат одлични сознанија до сега и голема е веројатноста наскоро да ги соопштат и пред јавноста.


Блиски извори од МВР за Филипијада њуз велат дека на „Тајната вечера“ од Леонардо да Винчи се откриени кодирани пораки кои посочуваат дека далечен роднина на Зоран Заев своевремено го предал Исус на римските власти. Исто така, во очите на Мона Лиза, која била сопруга на друг далечен роднина на Зоран Заев, може да се забележи дека целосно те гледа, делумно те гледа и воопшто не те гледа. 

Сознанијата од последното откритие, секако доколку судот ги прифати, ќе бидат приложени како доказен материјал во процесот Пуч. Водени од успешната мисија, вработените во МВР соопштија дека нивниот следен потег е декодирање на антички јазици и откривање на останатите криминали и државни удари од страна на роднини на Заев.

Се шпекулира дека антички роднина на Заев го убил и Александар Македонски, но тоа сега за сега е само шпекулација.


Филипијада њуз е сатирично блог издание.
Филипијада њуз користи измислени ликови и институции во своите изданија, освен кога јавните личности и вистинските институции се објект на сатирата. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна, како и во оваа статија!

Tuesday, February 17, 2015

Дознаваме: Странските служби прислушувале 20 000 граѓани за да го откријат рецептот за Тавче-гравче

Скопје, Македонија (ФЊ) Вистината конечно излезе на виделина - МВР не ги прислушувало илјадниците македонски граѓани, туку тоа го правеле странските служби.

ФОТО: Папката што Заев им ја предал на странските служби
Нашите извори блиски до неколку странски тајни служби велат дека тие биле регрутирани во Македонија во 2010 година, кога неколку македонски јадења станаа глобално популарни со рекламниот спот „Macedonia Timeless - Food“. Нивната единствена цел била да го откријат рецептот за „Тавче гравче“, за подоцна да го однесат во своите матични држави.

Меѓутоа пет години минале без никаков успех, бидејќи граѓаните, а особено Владата на Република Македонија на чело со господинот Никола Груевски, од татко Тало и мајка Надежда го чува рецептот во најголема тајност. Ситуацијата кулминирала кога опозицискиот лидер Зоран Заев направил договор со странските служби. Според нашите сознанија Заев на тој начин ги добил снимките, а за возврат го дал рецептот за „Тавче-гравче“ и со тоа предизвикал непроценлива штета на македонскиот народ.

Како што можете да чуете и самиот Заев го потврдува тоа на снимката од кабинетот на Никола Груевски, која исто така е снимена од странските тајни служби.

Веруваме дека народот на Македонија ќе направи се за да го врати достоинството и рецептот во државата, а не да обрнува внимание на некакви безвезни телефонски содржини.“, изјави Тони Михајловски држејќи порција Тавче-гравче од говорницата на контра-граѓанското контра-движење за контра-одбрана на контра-Македонија.

Филипијада њуз е сатирично блог издание.
Филипијада њуз користи измислени ликови и институции во своите изданија, освен кога јавните личности и вистинските институции се објект на сатирата. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна, како и во оваа статија!

Monday, February 9, 2015

Груевски поднел барање за чешка виза, а како причина навел семејни проблеми

Скопје, Македонија (ФЊ) Службата за односи со јавност на чешката амбасада денес соопшти дека премиерот на Македонија поднел барање за виза, а како причина ги навел комплицираните семејни проблеми со кои се соочува моментално.


 „Бевме изненадени утрово кога ненајавено пристигна господинот Никога Груевски во нашите простории и со уредно средени документи се упати на првиот шалтер за итна постапка. Иако правилата наложуваат да се има однапред закажан термин, сепак направивме исклучот, бидејќи станува збор за наш долгогодишен пријател и соработник, а впрочем овојпат и не доцни како порано“, низ смеа раскажува амбасадорот Рамеш.

Груевски поднел доказ за финансиски средства, четири гарантни писма и неколку потенцијални адреси за престој во главниот град на Република Чешка. Во соопштението, меѓу другото, се наведува и причината поради која Груевски го поднел барањето, а тоа се семејните проблеми.

„Не сакавме да навлегуваме во приватноста на премиерот, но знаеме дека моментално се соочува со големи проблеми во фамилијата, поширока и потесна се разбира, што секако ќе го земеме во предвид во процесот за доделување на виза.“, изјави претседателката за односи со јавност на чешката амбасада.


Филипијада њуз е сатирично блог издание.
Филипијада њуз користи измислени ликови и институции во своите изданија, освен кога јавните личности и вистинските институции се објект на сатирата. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна, како и во оваа статија!

Џорџ Карлин - Абортус

"Човече, тие, конзервативците навистина се добри, зар не? Сите тие ги обожаваат неродените. Ќе направат с? за неродените. Но... штом се родите, сами сте на себе. Конзервативците се опседнати со абортусот од периодот на зачнувањето до деветиот месец. После тоа, тие не сакаат да слушнат за вас. Ама ништо. Нема грижа, нема дневен престој, нема "head start", нема ужина на училиште, нема социјална помош, нема ништо! Ако сте неродени, вие сте во ред, но откако ќе се родите, е тука сте за***ни."